Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Палестинска ракета погоди куќа во Тел Авив, седуммина повредени

Седум лица се повредени во понеделникот наутро кога е погодена куќа во близина на Тел Авив со ракета лансирана од Појасот Газа, јавија израелските претставници.

Портпаролот на израелската војска во Тел Авив изјави дека е утврдено оти ракетата е истрелана од палестинската крајбрежна енклава, а на „Твитер“ војската објави фотографија на градско подрачје источно од Тел Авив. Во текот на ноќта во тој град одекнуваа сирените за воздушна опасност.

Според медицински извори, меѓу повредените има три деца: бебе, тригодишно дете и 12-годишно девојче.

Ранети од шрапнели се 60-годишна и 30-годишна жена, другите добиле помош поради претрпен шок.

Куќата ја зафати пламен и е уништена.

Нападот се случи две недели пред изборите во Израел.

Иако палестинските милитанти често стрелаат ракети во областите околу Појасот Газа, ретко се случува тие да погодат толку далечни области.

Ракети на Тел Авив беа испукани на 14 март, во прв таков палестински напад по војната меѓу Израел и Газа 2014 година.

Израел одговори со силни воздушни напади на 100/ина цели во Појасот Газа.

Во тренд