Интервју со Горан Сугарески: Ја засилуваме градежната офанзива и имаме отворен фронт за работа насекаде – одиме кон посилен економски раст на државата

Centar.mk интервју со еден од најуспешните министри во Владата на Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Со Сугарески разговараме за автопатната и патната мрежа низ Македонија, за туризмот во Преспа, патарините и авио сообраќајот во Македонија.

Дали може да очекуваме поврзување со целосен автопат на Битола и Скопје, и доколку да, во кој период?

Министерството за транспорт и врски заедно со ЈП за државни патишта активно работи на подобрување на патната врска на Коридор 10 д, односно од Скопје преку Градско па се до граничниот премин Меџитлија. Само на овој правец ќе се вложат преку сто милиони евра за реконструкција и изградба на нова патна мрежа. Ова го кажувам од слободна проценка, а можеби и повеќе од сто милиони евра, бидејќи планирана е изградба на експресен пат од Прилеп до Битола и од Битола до граничен премин Меџитлија. Бидејќи во наредниот период ќе се работи на проектната документација, откако ќе се изработи ќе имаме точна сума колку би чинело тоа, но ве уверувам дека тоа би било сериозна инвестиција. Но да почнам со ред.  Тргнувајќи од Скопје до Велес, веќе постои реконструиран автопат. Понатаму, се реконструираше возната лента од Велес до Градско на Кориор 10. Пред извесен период започнавме со изградба на експресниот пат, делница Градско – Дреново, во тек е изградбата и на делницата од Дреново до Фариш, а оваа година очекуваме да распишеме и тендер за последната делница од Прилеп до Ленишка Река и трета лента од с.Беловодица до каменолом Маврово.

Веќе спомнав дека оваа година ќе се распише тендер за проектирање за проширување на постоечкиот пат од Прилеп до Битола со можност за идно прераснување во автопат, потоа реконструкција на обиколница Битола како и тендер за изработка на проект за изградба на експресен пат од Битола до Меџитлија.

Тоа значи дека имаме сериозни планови за изградба на брза врска од Скопје до граничниот премин Меџитлија. Сметаме дека овие инвестиции сериозно ќе придонесат за економски развој на Пелагонскиот регион и подобрување на квалитетот на патниот превоз, како на стока така и на патници.

 

Преспа располага со непроценливо богатство: Езеро, невидена природна убавина, два национални парка, можности за летен и зимски туризам. Какви се плановите за средувањето на Преспанското крајбрежје преку уредување на плажите и изградба на мотели и хотели? Имате ли план за Преспа?

Горан Сугарески: Со оглед дека надлежностите во делот на градежното земјиште ги има општината Ресен и само таа располага со земјиштето,  во овој момент тие можат да направат планови за изградба на мотели и хотели, како би раздвижиле мал сегмент од туризмот во Преспа. Онаму каде што може ние да и помогнеме на општината е уредување на плажите за што веќе имаме готови проекти за уредување на 1400 метри плажи и тоа за Сливница 2-ра фаза – 100 метри, Коњско – 200 метри, Крани – 500 метри, Отешево – 100 метри и Претор – 500 метри плажи.  Претходно со средства на министерството беа уредени  500 метри во н.м Стење и 100 метри во н.м Сливница. Но морам да спомнам дека мора да се направат и реални проценки каде има потреба од уредување на плажи. Ние стоиме на располагање. Преспа е наше богатство и ќе се залагаме да го зачуваме и да го унапредуваме туризмот во овој регион, бидејќи тоа е наша обврска.

Дали е во план подобрување на патната инфраструктура за подобра конекција на останатиот дел од Македонија кон Преспа?

Горан Сугарески: Спомнав дека имаме активни проекти на цел Коридор 10 д, претходно се реконструираше патот од Битола до Ресен. Исто така на Коридор 8 се работи на подобрување на патната мрежа, се гради автопат од Охрид до Кичево, се реконструира патот од Кичево до Гостивар. Во втората половина на 2018 година преку ЈП за државни патишта ќе се распише тендер за проектирање за реконструкција на автопатот од Тетово до Гостивар, а завршивме со реконструкција на автопатот од Скопје до Тетово.  Градежни работи за реконструкција и изградба на патишта се одвиваат и во Источна Македонија што значи дека фокус ни е да обезбедиме квалитетни патишта не само до Ресен, туку до секоја општина.

 

Инвестициите во железничкиот сообраќај во изминатата деценија беа доста мали, дали е во план  воспоставување на нови конекции, возобновување и живнување на железничката инфраструктура?

Горан Сугарески: Врвен приоритет на Владата е довршување на пругата кон Бугарија и кон Грција. Меморандумот за железничко поврзување што го потпишавме со Бугарија дава точни рокови кога треба да ги завршиме делниците на пругата кон Бугарија. Очекуваме комплетно пругата од наша страна да биде готова до 2025 година.  Работите полека ги исправаме и на тој проект, бидејќи и таму имаше задоцнување,  веќе имаме обезбедено финансиски средства, освен за последната делница, но очекуваме дека во рамките на тие рокови пругата ќе биде целосно изградена.

Исто така до крај на оваа година очекувам да биде завршена и пругата од Битола до Кременица. Во моментов работиме и на обезбедување на финансиски средства за изградба на пруга на делот што недостасува од Кичево до границата со Албанија.  И тука се работи за инвестиции од преку една милијарда евра .

Останува ли идејата за изградба на уште еден Аеродром во внатрешноста на Македонија, може ли да ни откриете нешто ново околу ова?

Горан Сугарески: Изградбата на аеродром е многу комплексна работа што ни покажа и примерот со планираниот карго аеродром во Штип. Потребни се многу мерења и прецизни анализи како за економската исплатливост така и за техничкиот аспект за изградба на нов аеродром. Сметам дека во овој момент не постојат услови за друг аеродром и сега ќе дадам аргументи за тоа. Нашите планови се Охридскиот аеродром да го разработиме дополнително и да ги искористиме капацитетите што ги има. На јавниот повик за субвенционирање на авиокомпании, посебен фокус ставаме на Охридскиот аеродром со задолжително воведување на нови линии. Сметаме дека не само Охрид и Струга, туку и цел регион ќе има бенефит од тоа. На граѓаните ќе им овозможиме поволни цени за авиобилетите и поголем број на достапни дестинации.

Дали може да очекуваме нов систем со патарините, како функционирањето на патарините во Словенија на пример, со вињети, со што би се олеснила циркулацијата на возила по автопатиштата, особено кога има гужви во летниот период?

Горан Сугарески: Министерството за транспорт и врски заедно со  ЈП за државни патишта засилено работиме на воведување на електронска наплата на патарина на Коридор 10.  Патарината Романовце кај Куманово е реконструирана целосно и е пуштена во употреба. Останатите патарини Петровец, Отовица и Сопот кај Велес и таа кај Градско се во фаза на реконструкција. Инсталиран е новиот електронски систем за наплата, но сè уште е во фаза на тестирање. Нашите планови се да се осигураме дека функционира целосно и тогаш ќе го пуштиме во употреба.  Покрај воведување на електронскиот систем се врши и проширување на лентите за минување. Она што сите ги интересира е како ќе функционира тој систем.

На одредени ленти сè уште ќе може да се плаќа готовински во кеш. На други означени ленти ќе се плаќа електоронски преку припејд и постпејд картички со едноставно допирање на картичката до означеното место за тоа. Системот врши категоризација на возилото и од картичката ќе симне онолку пари во зависнот какво возило користите.

Исто така патарина ќе се плаќа и со микробранови транспордери така наречени Тагови кои ќе се лепат на шофершајбната. Пред наплатната рампа, системот го регистрира Тагот и рампата се отовора без да се губи време.  Картичките и таговите ќе можат да се купат најпрво на самите патарини, а потоа и на продажните места со кои ЈПДП ќе склучат договор.  На овој начин сметаме дека ќе нема тесни грла по патарините и ќе се олесни начинот на наплата на патната такса.

Centar.mk: Факт е дека новата Влада тргна со брзо темпо во остварување на програмата, што реализиравте досега и кои се најголемите инфраструктурни инвестиции што не’ очекуваат во 2018/2019?

Горан Сугарески: Република Македонија влезе во еден инвестициски циклус во делот на инфраструктурата и во наредниот период ќе се инвестираат повеќе од една милијарда евра за изградба на патишта, пруги, гасовод, канализации и водоводи и други инфраструктурани проекти.  Во 2018 година ќе завршиме со изградба на два автопати, Демир Капија-Смоквица е веќе завршен, а  Миладиновце-Штип очекуваме до крај на септември да биде готов. Активно ќе продолжиме со изградба на автопатот од Кичево до Охрид.  Започнавме со изградба на три експресни патишта и тоа: Штип – Радовиш,  Ранковце – Крива Паланка и втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, делница Градско  – Дреново.  Ќе продолжиме со изградба и на експресниот пат Штип – Кочани.  Започната е подготовка на изработка на проект за изградба на автопатот од Скопје до граничен премин Блаце кон Косово.  Ќе се распише јавен повик за изградба на експресен пат од Прилеп до Битола и  експресен пат од Битола до граничен премин Меџитлија кон Грција.  Овој месец заврши тендерот за реконструкција на 12 патни правци за кои се обезбедени средства од Светска банка. Следниот месец завршува тендерот за реконструкција на 7 регионални патни правци, за што се обезбедени средства од Европската банка за обнова и развој. Во делот на железницата, со засилено темпо ќе продолжи изградбата на пругата кон Бугарија, за што веќе спомнав претходно. Исто така до крај на годината очекуваме да заврши изградбата на пругата од Битола до граница со Грција.  Ќе продолжиме со реконструкцијата на пругата на Коридор 10.

Гасификацијата е приоритетен проект на Владата. Во тек е изградба на магистралните гасоводи од Неготино до Битола, потоа од Скопје преку Тетово до Гостивар и од Блок станица 5 кај Штип до Неготино.  Ќе се распишат и јавни повици за започнување на постапка за интерконекциско поврзување кон Грција и Бугарија.  Посебен фокус ќе ставиме и на изградба на канализации и водоводи во секоја една општина и населено место каде има потреба од тоа. Имаме издвоено средства од буџетот, од грантови или заеми и ќе работиме на изградба на комунална инфраструктура во сите населени места.

Така да, ја засилуваме градежната офанзива и имаме отворен фронт за работа насекаде, со што очекуваме да го засилиме економскиот раст на државата.

[(c) Ј.С. 2018]